Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, денеска, одржа седница во присуство на странките кои побараа јавна седница, а во однос на жалбите изјавени од Јавниот обвинител против решенија на судии од претходна постапка од 04.01.2024 година со кои на 4 лица им се определија мерки за претпазливост поврзани со случувањата во М-НАВ.
Советот, како што се наведува во официјалното соопштени, ценејќи ги приложените факти и докази во жалбата на обвинителот и одговорите на жалбата од страна на одбраната, а имајќи ги и предвид наводите во решенијата од претходна постапка, донесе одлука со која: Жалбите на Јавниот обвинител делумно се прифаќаат и донесе решенија со кои на четирите лица им се опредлува мерка куќен притвор во траење од 30 дена како и дополнителни мерки на претпазливост, односно привремено одземање на патна исправа и забрана за нејзино издавање и Забрана за приближување или воспоставување односно одржување контакти или врски меѓу осомничените и со оштетениот.
„Надзорот над куќниот притвор, согласно решенијата е во надлежност на МВР, а против овие решенија странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје во рок од 24 часа од приемот на решенијата.
Заради доследно информирање на јавноста и сузбивање на сите шпекулации и недоразбирања, сметаме дека е потребно да нагласиме дека според сите досега доставени факти и податоци, конкретниот настан не се случил во контролната кула, односно просторијата од каде се врши навигацијата, туку во просторијата која е одвоена со најмалку две безбедносни влеза пред кулата. Но, како што нагласивме во претходното соопштение, факт е дека осомничените презеле одредени дејствија кои е потребно дополнително да се истражат за да се утврди фактичката сосотојба. Заради сето тоа, Советот донесе решенија за определување мерки со кои ќе обезбеди дополнителна гаранција за понатамошната достапност на овие четворица осомничени“, се потенцира во соопштението.