Во Шпанија се шират грипот, коронавирусот и другите респираторни заболувања, па од денеска повторно е задолжително носење заштитни маски во здравствените домови и болниците. По празниците, во кои поинтензивно се дружеа 48 милиони жители на земјава, здравствените услуги забележаа пораст на пациентите.
„Ова е мерка на здрав разум. Тоа е минимумот што можеме да го направиме за да го спречиме ширењето на инфекцијата“, рече шпанската министерка за здравство Моника Гарсија во обраќањето до медиумите, додавајќи дека носењето маски се покажало корисно за спречување на болеста за време на пандемијата на коронавирус.
Во средата, шпанската левичарска влада испрати известување од Мадрид до сите 17 автономни провинции за стапување во сила на оваа мерка и препорача и тие да користат маски во аптеките. Шест провинции, вклучително и туристичката Каталонија, Валенсија и Канарските Острови, минатата недела воведоа носење маски во здравствените центри.
Бројни жители се пожалија на кашлица, замор, висока температура, затнат нос, губење на чувството за мирис и апетит и други симптоми. Некои форми на респираторни заболувања имаат во просек близу 1.000 луѓе на 100.000 жители, покажуваат податоците од примарната здравствена заштита во Шпанија. Во споредба со претходната недела, има 25 отсто повеќе заболени од грип, а 13 отсто повеќе заразени со коронавирус.
„Тоа е резултат на пристигнувањето на студеното време, кое беше одложено оваа година и што се совпадна со божиќните празници кога луѓето повеќе се дружеа“, изјави докторката Кармен Камара за радиото РНЕ. Следната недела се очекува врвот на епидемијата на респираторни заболувања во која доминира грипот.
Антони Сисо, од здружението на каталонски матични лекари, ги повика и пациентите кои доаѓаат на преглед да носат маски. „Исто така, важно е вработените во здравствените домови да носат маски, особено ако се во близина на постари граѓани и ранливи лица“, истакна тој.
Шпанската министерка рече дека ќе ја следи состојбата во секој од регионите и ќе ги приспособи мерките на ситуацијата.