Мери Јордановска: И вашите деца, и вие, го дишете истиот воздух, нели?

meri_jordanovska_23432423
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Она што вечно ќе ми остане неодговорено прашање, најверојатно, е како е можно во една педа држава, да имаме два универзума, толку спротивставени мајнд сета, како некој да си прави некој експеримент со нас, на многу основи.

И вашите деца, и вие, го дишете истиот воздух, нели? Нели ви пречи, кога ви ги корне градите? И вие некогаш одите на доктор, така? Не дај боже, кога животот ќе ви биде во туѓи раце, ќе сакате ли некој со купена диплома или синчето/ќерката на мајка, протуркано низ врски, наместо низ сериозен труд, да ве лечи? Ќе сакате ли вашиот лет да го управува некој кој одбил да го помине и основниот тест, оти не знаел да одговори на прашањата?


Тука не зборуваме за етничка припадност. Тука зборуваме за најелементарни човекови права – на здравство, на безбедност, на право на лечење. Тие ги заслужувате и вие, и ние.

Вие имате привилегии, факт, но и тие имаат граници, кои не секогаш ќе можете да ги исконтролирате. Оти не секогаш ќе биде под ваша контрола кој ќе ве лечи, кој ќе ви го раководи летот, кој ќе ви изгради зграда пред луксузната палата во која живеете, кај кој неписмен судија/обвинител ќе ви се падне предметот. Нема вечно да ги држите конците во свои раце, невозможно е. Нема вечно да сте привилегирани.

И како е можно да не ви пречи сето ова, за сите граѓани да ги оставате во страдања со години, за вие да извлечете нешто, додека е можно, знаејќи дека некогаш ќе бидете жртва на истиот тој систем што вие сте го изградиле?

Дека вашите деца ќе живеат во тој систем, освен, секако, ако не ги испратите со билет во еден правец? Па и тоа е пораз, ваш пораз. Да градиш куќа која се распаѓа, да продаваш лаги дека истата е безбедна, а притоа да се трудиш најблиските што побрзо да ја напуштат.

Ова е сосема друг универзум што никогаш нема да го разберам.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK