Вработен во контролата за летови учествувал во нападот врз колегите

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Полицијата го потврди нападот што се случил попладнево во МНАВ.



Според информациите од МВР, во нападот учествувало и лице кое било вработено во институцијата.

„Денеска (04.01.2024) околу 15.15 часот во ПО Петровец лице вработено во М-НАВ пријавило дека во објектот имало нарушување на јавниот ред и мир односно дека Б.Н. (лице вработено во институцијата) заедно со уште неколку непознати лица физички ги нападнале П.Б., Е.К. и Б.Р. (лица вработени во институцијата). Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје се упатени кон местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.

Претходно претседателот на Синдикатот на контроли на летање, Александар Тасевски, објави дека непознати лица влегле во М-НАВ и физички нападнале дел од вработените.

„Возилата влегле без да бидат спречени од страна на обезбедувањето кое е од надворешна фирма на која според наши сознанија и е истечен договорот од пред извесно време а немаме информација дали им е продолжен повторно. Од друга страна не реагирало ни обезбедувањето на М-НАВ кое се наоѓа во самиот објект. Овој акт на насилство не само што претставува закана за секој еден професионалец во контролата на летање туку и за безбедноста во авијацијата кога секој еден може од надвор да влезе во објектот и да нападне вработени кои во тој момент извршуваат работни обврски“, објави Тасевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, објавија дека напаѓачите се партиски војници на ДУИ и натепале Албанци кои биле против партиските вработувања.

Претходно на прес-конференцијата беше соопштено дека до 30 оставки ќе бидат поднесени од вработени во М-НАВ поради наместени конкурси.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK