Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) остро реагира на вчерашното изгласување на Законот за игри на среќа во прво читање, потег кој јасно ни става до знаење дека пратениците од владеачкото мнозинство решиле по секоја цена да го донесат овој штетен закон.
Според нив, неразбирливо е како пратениците одат против здравиот разум, против граѓаните кои ги претставуваат и против 10.000 вработени само за да го заштитат очигледниот бизнис интерес на малкумина во власта.
Она што се случува, како што велат, е политичко своеволие и насилство од страна на Владата и поединци во неа.
„Жално е што пратениците се претворени во заштитници на бизнис интересите на поединци од власта додека со својот глас толчат илајдници семејства на вработените во легаланата дејност кои ќе ги изгубат приходите.
По сите анализи на законот, одговорно тврдиме дека неговото носење ќе остави на улица 10.000 вработени, ќе отвори играње на црно и враќање на сивата економија на голема врата. Ниеден претставник на Власта, ниеден пратеник, не се одважи да се соочи со нас и да го аргументира овој закон и да одоговорат на нашите грижи. Повеќе од јасно е дека сакаат да се скријат и на мала врата да го избуткаат ова решение“, истакнуваат во својата реакција.
Додаваат дека целта на овој закон е јасна, да се затворат домашните компании за да може Владата преку новите онлајн сајтови со странски компании од Бугарија да си го преземе бизнисот. Ова, велат од АСОМ нема да го дозволат и најавија дека веднаш по празниците излегуваат на масовни протести кои нема да престанат додека не се повлече овој закон.
„Ги повикуваме сите граѓани да ни се придружат, ова не е борба за игрите на среќа, ова е борба против тиранијата која се врши врз работниците во индустријата. Ако овој закон помине, поединци од Владата преку државен интервенционизам ќе можат да си ја преземат која сакаат индустрија во иднина.
Ова е преседан кој мора да се сопре. Ги повкуваме медиумите да дадат поддршка на овој апел. Ако молчиме сега, ова политичко насилство ќе ги стигне сите“, реагираат од АСОМ.