Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, одржа новогодишен брифинг со новинарите, на кој беа споделени резултатите од работата на Министерството за 2023 година.
„Оваа година беше посветена на малите производители, постигнавме бројки од над 2500 регистрирани мали оператори со храна и пијалоци. Доделивме над 450 договори за грант од 10.000 и 5000 евра, успешно реализирајќи ги програмите за поддршка во набавка на опрема за малите производители на храна, малите винарии, малите дестилерии и мерката бизнис план во земјоделството. Она што посебно не радува и што ја обележа оваа 2023 година е довербата која ја добивме од земјоделците. На сите јавни повици и за сите мерки, интересот беше огромен. Најголемиот број на апликации беа од млади земјоделци и жени земјоделки. Токму тоа беше нашата цел, но мораме да потенцираме дека овој успех го постигнавме заедно, ние како институција заедно со земјоделците, вели Николовски.
Годинава стартуваше новиот модел за субвенционирање со кој за прв пат во истата година авансно им ги исплаќа субвенциите на земјоделците.
„Модел кој насочува да се произведува она што е стратешки важно за државата и ги поттикнува земјоделците кон создавање на финален производ од своето земјоделско производство. До крајот на годината следува реализациајта на 30% авансна исплата на субвенциите, 750 милиони денари ќе бидат исплатени на сметките на 40.000 земјоделци. Во текот на 2023 година, вкупната реализација на Програмата за директни плаќања достигнува 127 милиони евра. Потоа реализацијата на Програмата за рурален развој достигнува над 11 милиони евра. Реализациајта на Програмата за поттикнување на потрошувачката на свежо овошје и зеленчук достигнува близу 500.000 евра. Потоа реализацијата на Интервентниот фонд достигнува скоро 5 милиони евра. Додека вкупната исплата на средства од ИПАРД 2 програмата во 2023 година достигнува 13,3 милиони евра. Вкупно до сега исплатени се 157 милиони евра директно вбризгани во земјоделскиот сектор“ изјави министерот Николовски.