Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство (ГАК) законски бара националност по распишаниот оглас за нови вработувања, се оправдуваат денес министерот за здравство Фатмир Меџити и премиерот Димитар Ковачевски. Обајцата сметаат дека националноста не е мерило за професионалноста, но институциите морале да постапат законски и да наведат која националност недостасува за да се обезбеди правична застапеност.
„Пред објавување на конкурс огласот се одобрува од Управниот одбор на клиниката на која е огласен. Според член 5 од законот за вработени во јавниот сектор, предвидена е обврска за планирање на вработувања во јавниот сектор согласно начело за соодветна и правична застапеност. Во член 20 од истиот закон е прераспределба на бројот на планирани вработувања да биде соодветно за одржување на правичната застапеност. Ова го предвидува законот. Се согласувам дека искуството и знаењето е пред се“, рече министерот Меџити на истата прес конференција на која заедно со премиерот најавија дека имаат одобренија за вработувања на неопределено време за 1117 лица место досегашните вработувања со договор на дело.
Во одбрана на вработувањата врз основа на националност излезе и премиерот Димитар Ковачевски. Објасни дека таков е законот и дека огласот мора да го почитува законот.
„Јас сум кажал многу пати, етничка припадност не може да биде професија. Етничка припадност е професија само во Западен Балкан, никаде на друго место во светот. Ќе ви дадам еден пример. Кога беше пандемијата од Ковид – 19 голем број наши сограѓани имаат потреба од клиниката за Инфективни болести. Таму ако се сеќавате беа Демири, Цана и Стевановиќ. Тоа беа клучните тројца доктори. Етничка припадност не игра улога во професионалност. Ние треба да го смениме законот, тоа е“, рече премиерот Ковачевски.
Покрај огласот за вработувања на ГАК, од утре здравствените работници кои досега работеле со договор на дело ќе имаат можност да аплицираат за вработувања на неопределено време на истите работни места.