Уставните измени што треба да бидат донесени во македонското Собрание се единствен услов за да се отвори кластерот, објасни вицепремиерот Бојан Маричиќ.
Тој одговарајќи на новинарски прашања, рече дека е во заклучоците на европскиот совет јасно е дадено до знаење дека штом се направат уставните измени, без никакво натамошно одлагање и без нова политичка одлука ќе има втора меѓувладиниа конференција на која ќе се отвори првиот кластер.
Маричиќ со тоа ја коментираше изјавата на шефицата бугарската дипломатија, Марија Габриел, која денес изјави дека не се само уставните измени услов за Скопје, туку и договорот за добрососедство и двата протокола.
Маричиќ појаснува дека се разбира, дека во поширока смисла договорот за добрососедство и преспанскиот договор се ставени во преговарачката рамка како дел од добрососедските односи.
„Ние не сме кажале дека тоа нема да се почитува. Тоа ќе биде прашање до крајот на преговорите со ЕУ. Протоколите што се потпишани се спроведуваат и треба да се спроведуваат, но тоа не е услов за отворање на првиот кластер. Единствен услов за отворање се уставните измени, и тоа јасно го пишува во заклучоците на европскиот совет, а секоја друга изјава ја гледам само како политички став“, рече Маричиќ.
Со т.н. француски предлог, за што беше постигната согласност и од македонска страна, Македонија доби две меѓувладини конференции за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Стартот на преговорите со Унијата беше означен со првата Меѓувладина конференција, додека втората во неа ја содржи и Преговарачката рамка.
Со тоа, првата Меѓувладина конференција претставува само прва фаза на отворањето на пристапните преговори, додека формалниот почеток на преговорите ќе стартува допрва, со втората Меѓувладина конференција, а услов за тоа, е промена на Уставот за внесување на Бугарите во него.