Драги млади луѓе, нема повеќе субвенции за возачки дозволи. Советниците на ВМРО- ДПМНЕ гласаа против овие субвенции, соопшти градоначалникот на општина Карпош на денешната прес конференција.
Јакимовски рече дека поради опструкциите од страна на советниците на ВМРО-ДПМНЕ и, како што вели, нивната дружина,на последната седница на Советот на Општина Карпош не беа изгласани бројни проекти од програмите за работа на општината за 2024 година кои предвидуваа поддршка за младите во општината, меѓу кои и проектот кој предвидува субвенционирање на обука за полагање на возачки испит.
„Обврската на градоначалникот советниците и вработените во општината е да даваат поддршка на проектите на граѓаните и да се радуваат ако има среќни и задоволни граѓани. Општина Карпош во изминативе 12-13 години се потруди да дава поддршка на сите категории на граѓани. На пензионери, на младинци, на средношколци, на студенти, ученици, на децата од предучилишна возраст, на новороденчињата. За жал, има луѓе во општинскиот совет кои не сакаат да гледаат среќни и задоволни луѓе. Тие се чувствуваат несреќни ако друг е среќен. Па затоа се обидуваат или да им ја рѓосаат среќата или да им ја украдат. Е такви се советниците на ВМРО-ДПМНЕ и нивната дружина кои ја украдоа среќата на средношколците. Драги млади луѓе нема повеќе субвенции за возачки дозволи. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа против овие субвенции, рече градоначалникот Јакимовски на конференцијата за медиуми и додаде:
„Жал ми е што морам да соопштам дека не запреа тука. Нивното изживување продолжи и врз најмладите жители на Карпош, децата од предучилишна возраст. Гласаа против цветното дефиле, кој секоја година традиционално го прават дечињата од градинките. Ја укинаа и прекрасната манифестација „Карпош има талент“, се изјасни против и детската ликовна колонија, детските литературни конкурси, изложби, и како круна на се, тие се против прогласување на заслужни граѓани“.