Битиќи на јубилејот на ФИТР: Фондот прерасна во институција за активен развој на претприемачкиот дух, отворен кон иновативноста и дигитализацијата

Битиќи-на-јубилејот-на-ФИТР-Фондот-прерасна-во-институција-за.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи се обрати на десетгодишниот јубилеј на Фондот за иновации и технолошки развој.


Во неговото обраќање вицепремиерот Битиќи упати честитки до директорот, до вработените и кон сите кои несебично и професионално вложија да го изградат ФИТР во водечка институција за поддршка на стартапи и иновативни компании.

„Честитки до претприемачите, кои во изминатата деценија ја препознавте и искористивте можноста која Владата преку оваа институција ви ја создаде, а тоа е да добиете финансиската поддршка за создавање на додадена вредност за вашите компании преку иновативност и креативност. Честитки и до сите вас, кои бевте поддржани своите бизнис идеи да ги преточите во проекти, иновации кои се развија во бизниси. Значењето на ФИТР за нашата економија не се согледува само преку портфолиото од 1.100 поддржани проекти и вкупен обем на реализирани инвестиции од 138 милиони евра за десет години, ФИТР има уште една важна функција. Тоа е активно негување и развој на претприемачкиот дух кој е отворен кон иновативноста, дигитализацијата. Развој кон 4-тата индустријализација“, рече Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи изрази задоволство што меѓу компаниите кои добија признанија во категоријата „Најбрзо растечка компанија“ е и „Кодвел Анлимитед“.

„Компанија која што токму со поддршка од ФИТР за нејзината иновативна идеја за дигитален AI асистент, ја разви и имплементираше АДА. Првиот дигитален асистент заснован на вештачка интелигенција, преку кој граѓаните и заинтересираните странски инвеститори денес ги добиваат сите релевантни информации за достапните програми и отворени повици за државна помош. Со АДА овозможивме и гарантиравме голема транспарентност, ефикасност и ефективност во пристапот на бизнисот до информации и услуги 24/7“, рече Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи посочи дека ФИТР својот вистински развој и вистинско место го добива во 2017 година, кога програмите на ФИТР влегуваат во рамката на Планот за економски раст.

„Па така, ако во 2017 година конкуретноста на домашните компании преку ФИТР била поддржана со 803.000 евра, веќе наредната 2018 година, кога започнува реализацијата на Планот за раст, оваа поддршка се зголемува на 19 милиони евра. Кога сме кај реалните резултати од Планот за економски раст, ќе ги споменам и оние кои ги остваривме и преку останатите два столба, а се постигнати преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Успеавме да создадеме доверба кај компаниите, ги стимулиравме постојано да започнуваат нови инвестициски циклуси, особено тие кои се насочени кон технолошки развој, внесување на иновативни и дигитални компоненти во производствени процеси, што финализира во поголема продуктивност и конкурентност на домашните и меѓународните пазари“, рече Битиќи и додаде дека веќе имаме резултат кој го надополнува резултатот постигнат преку ФИТР.

„Владата преку ЗФПИ има поддржано 919 домашни компании за нивните инвестициски циклуси со реализирани 500 милиони евра инвестиции кои се поддржани со 100 милиони евра, некаде околу 20 проценти. Сѐ ова е досега направено, овие 138 милиони евра поддршка треба најмалку да се удвојат во следниве години, но да се триплираат и резултатите. Поддржаните проекти да се со голема додадена вредност. Веќе гледаме и во следниот развој на ФИТР а тоа е неговата акредитација кон Зелениот климатски фонд, со што ФИТР ќе биде прва државна институција акредитирана за директен пристап до финансии од Зелениот климатски фонд. Ова е исклучително важно бидејќи ќе се овозможи поголема вклученост и поголеми финансиски средства на приватниот сектор во справувањето со климатските промени“, рече вицепремиерот Битиќи.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK