За очекувањата од Советот на министри во Брисел за натамошните чекори во преговорачкиот процес на земјата, но и за масовното селење на младите луѓе во државата, говореше премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања.
Премиерот изјави дека очекува во Брисел да биде признаено тоа што државата го направи во делот на скринингот, но сепак, од уставните измени зависи отворањето на поглавјата и членството во Унијата.
Тој рече дека Северна Македонија веќе има над 50 посто усогласеност со законодавството на ЕУ. На Албанија, за која исто се очекува одлука од Советот на министрите, Ковачевски и посака среќа.
„Ме прашавте за Албанија, Албанија има своја преговарачка рамка, а истотака го помина скринингот. Почнавме заедно со првата владина конференција на исти ден. Им посакувам успех, но се надевам Северна Македонија нема да ја направи грешката што ја направи во минатото, 17 години да чекаме на датум за преговори и 11 години да не се помрднеме од место. На крај, од земја лидер да останеме повторно да чекаме заради неодлучноста или политичките калкулации на еден човек или една политичка партија“, рече Ковачевски.
Прашан како да се спречи селењето на младите луѓе од државата, Ковачевски решението го гледа во членството во Европската Унија. Тој наброја повеќе држави, меѓу кои и Бугарија и Романија кои имале далеку понизок стандард од Македонина пред членството во ЕУ, но потоа работите се промениле.
„По распадот на Југославија, цела декада ние имавме подобар стандард, и не можеше да се замисли граѓанин на Македонија да оди да работи во Полска, Словачка, Унгарија или било која земја од тогашниот бивш советски лагер. Денес наши граѓани работат во овие земји. Имате цели улици на кои живеат македонски граѓани. Тоа е така затоа што влегоа во ЕУ. Тоа е единствената предност. Со влезот го дуплираа БДП-то и своите плати. Двојно се намали невработеноста. Големи компании отвораат дирекции. Нудење на алтернатива, во која некој ќе каже дек аможе да има економски модел во кој растот ќе биде поголем е ЕУ е залажување. Зошто не одат во Кина, во Русија да работат? Туку одат во земји членки на ЕУ или во САД“, рече Ковачевски.