Спасовски и власта замижувајќи пред поведението на Палевски, создадоа монструозен лик кој се товари за две свирепи убиства, на велешанецот Панче и за малата Вања, велат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека „Овие две убиства ќе им тежат на совеста на Спасовски и власта од повеќе причини“.
„Затоа што дозволија Палевски да сее омраза, да навредува, да се заканува и да клевети преку своите поткасти и гостувања на интернет порталот и за сето тоа да помине несанкциониран, ниту пак било кој од порталот или институциите да го опомене. Тоа го охрабри да почне да рекетира и да уценува, па дури и да убива. Власта на Ковачевски и Спасовски сето тоа го одмолча, мислејќи дека така и создава опозиција на опозицијата.
Друго, затоа што Палевски и неговата екипа кои сега се обвинети за монструозните убиства, пред 7 месеци биле откриени како копаат артефакти во Демир Капија и како со себе имале нелегално оружје. Доколку биле казнети тогаш, немаше да дојде до убиствата кои се случија сега.
Дополнително, Спасовски и власта треба на јавноста да и одговори зошто не се преземени сите мерки во истрагата после исчезнувањето на велешанецот Панче и неговото возило, со кое потоа е направено грабнувањето на малата Вања, иако било пријавено до полицијата? Зошто истото не било лоцирано во Скопје со системот Сејф Сити пред или веднаш после исчезнувањето на девојчето? Од МВР со денови молчат и не кажуваат дали е точно дека возилото било 3 дена во Скопје пред да се случи грабнувањето на девојчето, а истото возило било претходно пријавено како исчезнато заедно со сопственикот Панче Жежовски?
Молкот на Спасовски и власта покажува дека оваа трагедија се случи заради неказнивоста кон Палевски поради неговата заштита која ја уживал во партиски и полициски структури на СДС, поради тоа што после толку сеење на омраза и создавање на токсична атмосфера се почуствувал охрабрен да стори вакво дело и поради тоа што постојат серија пропусти во истрагата уште после пријавувањето на исчезнувањето на првото лице, велешанецот Панче и неговиот автомобил“, пишуваат од партијата.