Скопје, 06.12.2023 – Асоцијациите за е-трговија на Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Албанија, потпишаа Меморандум за формирање на Балканска Алијанса за е-трговија која ќе се залага за олесување и унапредување на регионалната е-трговија. Формирањето на Балканската алијанса беше поддржaнo од Отворениот регионален фонд за Југоисточна Европа – Надворешна трговија, спроведен од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), поддржан од Германија и ЕУ, во чии канцеларии беше потпишан меморандумот.
Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Нина Ангеловска Станков, беше изгласана за прв Претседател на Балканската Алијанса за е-трговија (анг. BECA – Balkan eCommerce Alliance). Ангеловска заедно со тимот на АЕТМ како прв претседател ќе ја предводи работата во првата година. Асоцијацијата за е-трговија на Македонија е воедно прво формирана асоцијација во регионот, со најголемо искуство и подготовеност, а изборот на Ангеловска го поддржаа сите Асоцијации.
Петте Асоцијации за е-трговија од Балканот, потписници на меморандумот се основачи и членки на Управниот одбор на Балкaнската алијанса за е-трговија и тоа од Асоцијацијата за е-трговија во Србија – Иван Танасковиќ, Асоцијацијата за е-трговија во Албанија – Валер Пиндери, Асоцијацијата за е-трговија од Босна и Херцеговина – Орхан Газибеговиќ и Асоцијација за интернет трговија „eComm“ од Босна и Херцеговина – Алма Ахмиќ и Асоцијација за е-трговија на Македонија – Нина Ангеловска. Алијансата се состои од следните органи на управување – Собрание, Управен одбор, Претседател на Управниот одбор и на Собранието, главен координатор и национални координатори за секоја земја.
– “Е-трговијата како интегрален дел на дигиталната економија може да одигра значајна улога за економскиот раст на регионот. Сите земји гледано сами за себе се фрагментирани и мали пазари, а за да може да се отклчи потенцијалот потребно е да можеме да ги гледаме сите земји како еден интегриран пазар. Меѓу главните предизвици се скапата прекугранична испорака, царински давачи и процедури, административни потешкотии и неунифицирани правила и прописи. Веќе долго време се прават напори за поместување, но прогресот оди многу бавно. Воопшто сите земји од регионот се најниско рангирани споредено со европските кога станува збор за е-трговија. Единствно со холистички пристап и здружени сили можеме да направиме прогрес. Верувам дека Балканската алијанса за е-трговија може да одигра значајна улога во трасирањето на патот кон подобра иднина за развој на е-трговија на Балканот и верувам дека за многу брзо време ќе стане препознаена како „глас на е-трговијата“ на Балканот. Ќе ми претставува задоволство да ја водам Алијансата на самите почетоци при поставување на основите за просперитетна работа и благодарна сум на довербата.“ – изјави д–р Нина Ангеловска, Претседателката на АЕТМ и BECA.
Активностите на BECA ќе бидат насочени кон создавање на подобра иднина на прекуграничната е-трговија на Балканот, преку креирање политики поврзани со е-трговија и лобирање за промени, но исто така ќе се работи и на решавање на различни предизвици од синџирот на е-трговија. Ова вклучува решавање на прашања поврзани со царинските такси, административни пречки, заеднички стратегии за испорака, регулаторни рамки и многу повеќе. Алијансата ќе служи и како основа за споделување информации, знаења, мислења и практики помеѓу членките.
Основачките асоцијации веќе имаат воспоставено одлична меѓусебна соработка, а со здружувањето во BECA очекуваат дека само со здружени сили може да се оствари прогрес и раст на регионалната е-трговија. Еден од најзачајните иницијативи за региононалната е-трговија е платформата ecommerce4all.eu (ресурсен и информативен центар за водење е-трговија во ЦЕФТА), која се лансираше преку проект поддржан од ГИЗ а имплементиран од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, а во соработка со сите асоцијации. Во рамки на овој проект, беше развиен модул наменет за првиот Регионален беџ за доверба во е-трговија, кој ќе продолжи да се развива во рамки на Балакнската алијанса за е-трговија.
„Формирањето на Балканската алијанса за е-трговија е резултат на неодложните барања за унифицирана застапеност на секторот за е-трговија на Балканскиот регион. Преку своите членки – Асоцијациите за е-трговија, Алијансата ги застапува потребите на околу 450 компании и ќе има за цел да го искористи трговскиот потенцијал во ЦЕФТА регионот и ЕУ. Алијансата, исто така, се стреми да промовира бизнис вмрежување, да го олесни споделувањето на знаењето и се залага за градење на екосистем погоден за бизнисите и на национално и на регионално ниво.” – изјави Флоријан Брутинг, раководител на компонентата за е-трговија во Отворениот регионален фонд за Југоисточна Европа – надворешна трговија.
Инаку, на Балканот до сега не постоеше едно регионално тело чиј домен е токму прекуграничната е-трговија и нејзинот развој, а во иднина, BECA ќе биде отворена за членови и од останатите Балкански земји и регионот.