Утре, понеделник (04.12.2023), со почеток во 20:00 часот, во Културно-социјален простор Центар-Јадро ќе се одржи премиерната изведба на театарскиот перформанс “Лилит”
„Лилит“ е првата фаза од театарското истражување насловено „Notebook of Silence“, соработка помеѓу актерката Јасмина Билаловиќ, композиторот Алесандро Ола (Италија/Шпанија), и драматургот Јелена Вуксановиќ (Србија).
Проектот е замислен во различни фази кои оживуваат, во различни контексти, простори и кои вклучуваат различни соработници низ целиот тек на истражувањето.
Првата фаза од реализацијата е базирана на текстот на Ришард Ниечим и неговото повеќедецениско искуство на соработка со неговиот некогашен учител Гротовски.
Актерката Јасмина Билаловиќ го заснова своето истражување на нејзиниот повеќегодишнен тренинг со Ришард Ниечим, базиран на звучење (Sounding).
Звучење (Sounding) е наутички термин кој се користи за истражување на длабочините на сликите во јазикот и човечкото тело, во движење и одмор; поконкретно, sounding значи да се прозвучат длабочините на сликите во енергетските центри на човечкото тело и да се истражуваат архетипските длабочини на мистериозното несвесно.
Драмскиот текст е искористен на минималистички начин, каде ликот на Лилит се користи како основа за градење на архетипот на женска фигура отфрлена од општеството поради тоа што ги одбива и преиспитува традиционалните, конзервативни вредности. Таа е заробена во вечен простор, сè уште верна на својата бескрајно бунтовна природа, но на моменти обремента од судовите на светот. Ние набљудуваме и сме сведоци на различните фази кои водат до нејзиното прифаќање на себе си во тоталитет, без да се стишува или да се моделира според она што се очекува од неа. Таа на крај го прифаќа тоа што е, а со тоа се прифаќаа себе си и конечно може да ја напушти старата, зададена, улога, ослободена од товарот на срам и вина.
———————————————————————
▪️ По текстови на Ришард Ниечим
▪️ Драматургија и режија: Јелена Вуксановиќ
▪️ Игра: Јасмина Билаловиќ
▪️ Композитори: Алесандро Ола, Маја Стајнберг
▪️ сценографија: Мартин Манев
▪️ костими: Павел Маслов
Носител на проектот: Здружение на уметници Културен центар МЕДИА АРТЕС
Проектот е поддржан од Министерство за култура и Амбасадата на Швајцарија.