Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди дека целта на Израел за целосно уништување на Хамас мора да биде јасно дефинирана, во спротивно тоа ќе предизвика уште десет години војна и повика на удвојни напори за постигнување траен прекин на огнот.
„Целосно уништување на Хамас…“, „…дали некој мисли дека е можно?“, рече Макрон на прес-конференција одржана на маргините на конференцијата COP28 во Дубаи.
„Ако тоа е целта, војната ќе трае десет години“, рече Макрон и побара израелските власти да ја објаснат нивната цел.
Франција е многу загрижена за новото насилство во Газа, рече Макрон и го најави своето патување во Катар каде ќе се обиде да придонесе во напорите за договор за нов прекин на огнот.
На прес-конференцијата Макрон рече дека ситуацијата во Газа бара удвојување на напорите за постигнување траен прекин на огнот и ослободување на сите заложници.
„За Израел нема трајна безбедност во регионот ако безбедноста на таа земја се постигне по цена на палестинските животи, што со себе носи незадоволство во регионот. Да бидеме колективно проникливи и трезвени“, додаде тој.
„Ефикасната борба против тероризмот не значи систематско и трајно бомбардирање“, рече Макрон, загрижен бидејќи бомбардирањето беше обновено по истекот на примирјето меѓу Израел и Хамас во петокот.
„Точниот одговор против терористичката група не значи елиминација на целата територија или бомбардирање на сите цивилни области“, посочи тој.
Кога станува збор за ослободувањето на заложниците кои се уште ги држи Хамас, Макрон смета дека потребни се уште неколку дена работа, мислејќи на актуелните преговори кои продолжуваат. Меѓу исчезнатите на 7 октомври има и четворица француски државјани.
Затоа, во сабота навечер во Катар, францускиот претседател ќе вечера со шеикот Тамим бин Хамад Ал Тани, емирот на оваа земја, кој е ангажиран во преговорите за примирје и ослободување на заложниците.