Не постои консензуално расположение сега на краток период пред одржување на изборите да се укине техничката влада. Ова го истакна премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарски прашања, притоа навестувајќи ја можноста тоа да биде направено од следните избори.
„Техничка влада е донесена како резултат на лошото владеење на ВМРО-ДПМНЕ, таа се донесе во тешки услови за државата. Од она што може да се види во јавноста, не постои консензуално расположение за нејзино укинување сега на краток период пред одржување на изборите, но секако дека постои расположение да биде укината со важност од следните избори. Но, тоа не треба да претставува пречка во однос на одржување на изборите бидејќи претставува уште поголем демократски амбиент, имајки во предвид дека на опозицијата и беше понудено да учествува во Владата заради продолжување на европскиот пат, рече Ковачевски.
Говорејќи за очекувањата од лидерската средба што треба да се одржи во понеделник, премиерот рече дека успешна лидерска значи дека нема да постои уценување од една политичка партија кон друга. За датумот за одржување на изборите, финалниот збор ќе го кажат партиите, вели Ковачевски, но според календарот најголема можност за такво нешто е во месецот мај.
„Треба да се почитуваат и верските празници – април е месец на Рамазан, а почетокот на мај е Велигден. Треба да биде определен датум кој ќе одговара и на одржување демократски избори но и на чествување на сите празници кои ги имаме“, рече премиерот.
Согласно коалициониот договор помеѓу СДСМ и ДУИ, три месеци пред изборите Ковачевски треба да биде заменет од премиер Албанец кој ќе ја предводи техничката влада.