Демонстрант со палестинско знаме се самозапали вчера пред израелскиот конзулат во Атланта, соопшти полицијата.
Демонстрантот, кој не е идентификуван, е во критична состојба, изјави началникот на полицијата Дарин Шиербаум на прес-конференција. Повреден е и обезбедувачот кој се обидел да интервенира.
„Веруваме дека зградата е безбедна и не гледаме никаква закана“, рече началникот. „Ова беше чин на екстремен политички протест“, додаде тој.
Демонстрантот пристигнал пред канцеларијата во која се наоѓа конзулатот и неколку фирми и се полил со бензин, соопшти полицијата.
„Ние сме тажни поради самозапалувањето на влезот во деловната зграда“, изјави за ABC News генералниот конзул на Израел за југоисточниот дел на САД, Анат Султан-Дадон.
„Трагично е да се види дека омразата и поттикнувањето кон Израел се изразени на толку страшен начин. Светоста на животот е нашата најголема вредност“, рече таа.
Израел вчера ја продолжи воената офанзива во Газа, откако преговорите за продолжување на еднонеделниот прекин на огнот пропаднаа.
Израел вети дека ќе го уништи Хамас откако милитантната група го нападна јужниот дел на Израел на 7 октомври, убивајќи 1.200 луѓе и земајќи 240 заложници, според израелските податоци.
За време на израелскиот напад беа убиени повеќе од 15.000 жители на Газа, соопштија палестинските власти. Конфликтот предизвика стотици протести и собири низ САД, како за поддршка на Палестинците, така и за Израел.