Пензионерите и учениците ќе ги добијат парите – помош од државата во втората половина на декември

Тренчевска-не-очекува-да-се-утврди-минималната-пензија-до-крајот.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во втората половина на декември пензионерите, учениците и студентите ќе ја добијат првата рата парична помош од државата, дел од последниот пакет антикризни мерки на Владата. Од Министерството за труд социјала за „Макфакс“ велат дека исплатата на финансиската помош ќе биде регулирана со закон за финансиска поддршка на ранливи категории граѓани кој заеднички ќе го донесат Министерството за труд и социјала и Министерството за образование.


„Пензионерите и корисниците на социјални права предвидени во мерките е предвидено да ги добијат правата на своите трансакциски сметки, сметките на кои ги примаат пензиите или го остваруваат правото, во втората половина од декември. Финасиска поддршка ќе добијат ученици и студенти, најранливите категори граѓани, пензионери приматели на најниски пензии, корисници на надоместок заради попреченост, самохрани родители – корисници на гарантирана минимална помош и родители на деца со попреченост до 26 години кои користат посебен додаток“, велат од кабинетот на министерката Јована Тренчевска.

Парична помош од државата ќе добијат вкупно 187.000 пензионери. Колку им е помала пензијата толку е поголема помошта која ќе ја добиваат во следните пет месеци. Пензионерите со пензии до 14.000 денари ќе добиваат по 3.000 денари, оние со пензии од 14.000 до 16.000 денари ќе добиваат по 2.000 денари, а пензионерите со пензии од 16-19.000 денари ќе добиваат по 1.500 денари во следните пет месеци.

Ученици кои потекнуваат од семејства со месечни примања до 50.000 денари ќе добиваат помош од држава еден месец повеќе од пензионерите, односно шест месеци. Со мерките се опфатени над 105.000 ученици. Основците ќе добиваат по 1.200 денари, а средношколците по 1.800 денари месечно.

Најдолго, односно седум месеци, помош од државата ќе добиваат студентите. Опфатени се 15.000 студенти кои не живеат во местото на студирање. Ќе добиваат ваучер за превоз во вредност од 600 – 1.200 денари.

Најранливата категорија граѓани во која Владата смести вкупно 16.741 лице, ќе добиваат по 2.000 денари во следните пет месеци. Во оваа категорија спаѓаат корисниците на надоместок заради попреченост, самохраните родители корисници на Гарантирана минимална помош и родителите на деца со попреченост до 26 години.

Mерките се правени за граѓаните, не се правени за изборите, рече премиерот Ковачевски

 

Веднаш откога ги соопшти мерките, пред два дена, на премиерот Димитар Ковачевски му беше забележано дека тие се димензионирани како предизборен поткуп оти истекуваат околу изборите планирани за следната година. Тој објасни дека некои мерки истекуваат пред изборите, планирани за мај следната година, а некои по изборите и нагласи дека мерките се правени за граѓаните не се правени за изборите.

„Макфакс“ побара објаснување што било клучно во одредувањето колку месеци ќе трае секоја од мерките кои предвидуваат парична помош. Од кабинетот на министерката Тренчевска објаснија дека кај учениците се раководел од учебната година, а кај пензионерите од месеците во кои се чувствуваат ефектите од продолжената енергетска криза.

„За учениците и студентите периодот на финансиска поддршка е планиран согласно траењето на учебната година, а за пензионерите со ниски пензии и ранливите категории на граѓани поддршката е планирана да ги покрие месеците кога трошоците на домаќинствата за енергенси  се зголемени. Мерките се насочени кон таргетирана поддршка на ранливи категории на граѓани во услови на зголемени трошоци на живот, како и  продолжените ефекти од енергетската криза и стабилизирање на ценовната криза“, објаснуваат од кабинетот на Тренчевска.

Овој пакет мерки, деветти по ред на Владата е со вкупна вредност од 662 милиони евра и покрај мерки за помош на учениците, пензионерите и најранливите категории граѓани, предвидува мерки и субвенции за земјоделците, за компаниите, мерки за зголемување на платите во јавниот сектор, но и мерки за зголемување на платите во приватните компании.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK