Израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен Гвир изјави дека двајцата напаѓачи во Ерусалим кои пукаа во цивили на автобуската станица се членови на милитантната група Хамас кои живееле во источниот дел на Ерусалим.
„Ова се очигледно оперативци на Хамас. Хамас има два гласа – едниот заговара прекин на огнот, а другиот терор. Овој инцидент уште еднаш докажува дека не смееме да покажеме слабост и дека со Хамас мора да разговараме само преку акции, само преку војна“, рече Гвир. .
Полицијата утрово уби двајца вооружени Палестинци откако почнале да пукаат на автобуска станица во Ерусалим, соопштија израелските власти. Во нападот загинаа тројца цивили, една 24-годишна жена, еден маж на 70-годишна возраст и една постара жена. Надлежните велат дека поради повредите во болница се пренесени уште пет лица, од кои тројца се во тешка состојба, пишува Би-би-си.
Нападот се случил покрај главниот автопат на периферијата на градот за време на шпицот, околу 7:40 часот по локално време. според израелската полиција. „Двајца терористи пристигнале на местото на настанот со возило и почнале да пукаат на автобуската станица. Тие биле неутрализирани од безбедносните сили и цивилите кои биле во близина“, соопшти полицијата.
Флер Хасан-Нахум, заменик-градоначалникот, рече дека напаѓачите биле застрелани од израелски цивили. „Терористите се од источен Ерусалим. Тие беа вооружени со пушка М-16 и пиштол. Пристигнаа со автомобил и почнаа да пукаат во цивили“, изјави началникот на полицијата Дорон Тургеман.