Украинската армија остави околу 200 војници мртви за време на панично повлекување од нивните позиции во близина на Доњецк, изјави Јан Гагин, советник на лидерот на Доњецката Народна Република (ДНР).
„Напуштените украински позиции во близина на Доњецк се полни со огромен број тела на украински војници кои ги оставиле зад себе. Непријателот не се ни обидел да ги евакуира додека бегале од таа област. Досега изброивме околу двесте (загинати украински војници)“, рече Гагин во интервју за руската државна новинска агенција Тасс.
Тој додаде дека руските сили сега ги евакуираат телата на загинатите украински војници. Гагин претходно овој месец рече дека бројот на украински војници закопани во ровови на првите одбранбени линии во близина на Доњецк се намалил за најмалку три пати поради нивното бегство.
Инаку, руската армија со недели силно го напаѓа Авдијивка, град во источна Украина недалеку од Доњецк. Институтот за проучување на војната пред неколку дена објави дека Русите постигнале одреден напредок. Шефот на воената управа на Авдијивка Виталиј Барабаш потврди дека борбите стануваат се пожестоки и дека Русите напаѓаат од повеќе правци.