Потопен на длабочина од 40 метри, на дното на акумулациското езеро Киандао во Кина, постои целосно зачуван град кој научниците го нарекуваат „кинеска Атлантида“. Градот Ши Ченг (Градот на лавовите) се наоѓа на истокот на Кина, пренесува порталот на Индипендент инди100.
Повторно беше откриен од кинески истражувачи во 2001 година, кога кинеските власти организираа експедиција за да го пронајдат она што остана од изгубената метропола. Утврдено е дека градот на лавовите е совршено зачуван и по 53 години под вода, а во 2017 година бил отворен за туристи.
Но, каква е историјата на Градот на лавовите и како тој завршил под вода? Се верува дека Ши Ченг бил изграден за време на династијата Хан, помеѓу 25 и 200 година од нашата ера. Некогаш бил политички и економски центар на источната провинција Жеџијанг и во него се наоѓало регионалното седиште на владата.
Ши Ченг, стар повеќе од илјада години, беше потопен кога кинеската влада одлучи да ја заврши хидроелектричната брана на реката Ксин таму во 1959 година, која го поплави античкиот град и заврши под огромно акумулациско езеро. Во исто време, раселени се повеќе од 300.000 жители.
Беше заборавен речиси 53 години. Градските ѕидини, за кои се верува дека датираат од 16 век, имале пет влезни порти, за разлика од традиционалните четири што ги карактеризирале старите кинески градови. Широките градски улици имаат 265 сводови со камени ѕидови врежани со змејови, феникси и лавови.
Но, античкиот град е зачуван како временска капсула од периодот кога бил поплавен. Со оглед на тоа што водата што се користела за потопување не содржела ништо корозивно, градот е зачуван во совршена состојба.
Иако функционирал како град до средината на 20 век, Ши Ченг сè уште не е целосно мапиран.
Денес, нуркачите постепено ја проучуваат секоја зграда, структура, лак и пат за да добијат целосна слика за тоа како изгледал градот.
Туристите и посетителите можат да го видат градот како дел од подводни екскурзии, но мора да имаат сертификат за напреден курс за нуркање.