Повеќето од судовите во Македонија во помалите градови немаат службени возила и на увид одат со такси или со приватни автомобили на странките, а тоа не само што е недолично, туку отвора сомнежи за пристрасност, заклучи членот на Судскиот совет, Весна Дамева.
„Основен проблем за овој суд е итна и неопходна потреба од обезбедување службено возило заради нормално функционирање на судот, особено со цел да не дозволиме кој било суд службените должности да ги извршува со возила на странки, како што се принудени. Одат на увид или со такси или со возило на странката, што отвора сомнеж за пристрасност и не е долично. Во мај претседателот на судот испратил писмо до Агенцијата за управување со одземен имот и укажал на неопходноста од службено возило, но нема одговор од оваа институција“, вели Дамева.
Министерството за правда било запознаено со проблемот затоа што претседателот на судот пратил приговор, а потребата од набавка на возило стоела и во записникот од посетата во Кратово.