Белгиската полиција уапси уште три лица во врска со нападот во кој беа убиени двајца навивачи на Шведска пред натпреварот меѓу двете репрезентации одигран во октомври, во квалификациите за Европското првенство.
Натпреварот од групата Ф во квалификациите за ЕП 2024 меѓу репрезентациите на Белгија и Шведска беше прекинат на полувремето откако во терористички напад во Брисел загинаа двајца шведски навивачи.
Беше решено натпреварот да не продолжи и тој е регистриран со резултатот кој беше активен на полувремето, 1:1.
Веста за новите апсења во врска со терористичкиот напад во средата ја потврди портпаролот на белгиската полиција, но не даде многу детали.
Тој објасни дека полицијата во понеделник извршила претреси на пет локации и дека тројца мажи биле уапсени.
Белгиските медиуми објавија дека двајца од тројцата уапсени се обвинети за убиство во контекст на терористички напад и учество во терористичка акција, додека третото лице е обвинето за прекршување на Законот за оружје.
Апсењето се случи еден месец по нападот и откако во деновите по трагедијата беше уапсен државјанин на Тунис, осомничен дека ги застрелал шведските навивачи.