Некогаш најдобриот играч во светот, поранешниот бразилски репрезентативец и екс-играч на ПСЖ, Барселона, Милан, Роналдињо, има сериозни проблеми со властите во својата земја. Бразилските власти веројатно ќе конфискуваат два негови имоти.
Роналдињо се најде во ваква ситуација бидејќи нема пари на банкарските сметки, а на државата и должи сериозна сума за неплатен данок.
Локалните власти наредија проценка на двата имоти на Роналдињо, кои се наоѓаат во Рио де Жанеиро и неговата родна држава Рио Гранде до Сул. На тој начин славниот фудбалер ќе ги отплати своите долгови.
Во ноември 2018 година, бразилските власти запленија луксузен автомобил и уметнички дела откако Роналдињо и неговиот брат Роберто де Асис Мореира во голема мера не ги платија казните наметнати на неговата хуманитарна организација.
На поранешниот репрезентативец пред еден месец му беше одземен пасошот, откако не платил уште една финансиска казна изречена во случајот со дивоградба во заштитено подрачје.