Работилниците што изминатиов период се одржуваат во повеќе општини низ Македонија, а преку кои учениците се здобиваат со знаења поврзани со проблемот со врсничкото насилство, ќе се одржуваат и во Демир Капија. За ефикасна реализација на овие активности, компанијата „Макпетрол“, која што стои зад општествено одговорната кампања „Крени глас против врсничкото насилство“, и општината денес потпишаа меморандум за соработка.
– Врсничкото насилство е глобален проблем, но истиот е присутен и на локално ниво, во секој дел од земјата и ги засега децата и младите без разлика каде живеат или посетуваат образовна установа. Токму од тие причини една од целите на нашата општествено одговорна кампања е во неа да се вклучат што повеќе чинители кои што директно работат со децата и навистина ни е драго што голем број општини преку своите училишта се дел од овие активности. Работилниците се извонредна алатка која што на најзасегнатите им ги пренесува суштинските знаења за врсничкото насилство, а на стручните служби во училиштата им дава модел којшто можат и во иднина да го користат кога на оваа тема ќе работат со децата – вели Марија Јосифовска-Спасовска, член на Управниот одбор и директор во „Макпетрол“.
За подобро да се запознаат со булингот, неговото влијание, како и долгорочните последици што ги остава врз децата, учениците на територијата на Општина Демир Капија ќе добијат и едукативен материјал. Овие печатени документи содржат знаења наменети и за наставниците, како и за родителите, со цел нивна потемелна вклученост и информираност за овој исклучително значаен општествен проблем.
Вакви материјали, како и работилници предводени од психотерапевт, веќе се одржаа во сите основни училишта во надлежност на општините Центар и Аеродром во градот Скопје, а моментно се во тек и во Кисела Вода. Носечки елемент на кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“ е вебсајтот kreniglas.mk. На оваа интернет-страница се поставени најразлични материјали, како и видео-содржини, кои што имаат за цел да овозможат дополнителна едукација за секој што би можел да даде свој придонес во креирањето решенија за проблемот со булингот. Имајќи предвид дека голем број деца не можат да препознаат дали биле или сега се соочени со врсничко насилство, на вебсајтот е поставен интерактивен квиз со кој преку анонимно решавање може да се открие дали некој имал улога на сторител, набљудувач или жртва на булинг. Преку „Крени глас против врсничкото насилство“ компанијата „Макпетрол“ реализира една од своите стратешки приоритети – општествената одговорност. Меѓу клучните цели на кампањата е да го зголеми интересот во јавноста за булингот и да поттикне вклучување што повеќе општествени чинители во решавањето на проблемот.