Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска повика на поддршка од сите политички чинители за воведување на уставна жалба во Република Северна Македонија.
Кацарска на Регионалната конференција која се одржа со цел промоција на потребата од воведување на уставна жалба потсети дека нашиот Устав е современ, но не и сеопфатен акт, а неговата содржина од осамостојувањето до денес е редизајнирана парцијално, и по потреба, и тоа најчесто за одредена категорија граѓани.
„Затоа во оваа еуфорична атмосфера на пребројување „за и против” отворање на Уставот е важно да се повтори дека со воведување на уставната жалба, придобивки ќе имаат сите граѓани, од сите националности и политички припадности. Изминатите триесетина години архивата на Судот бележи стотици пропаднати барања бидејќи не се заштитило некое право или некому му била ускратена слободата по конкретен основ само затоа што Уставниот суд нема надлежност да одлучува по сите основи, освен по еден член а тоа е 110 алинеја 3 од Уставот. Уставно-судската пракса во овој поглед лоцира сериозна аномалија при отсутност на заштитни механизми“, истакна таа.
Ова според неа, подразбира дека барање за заштита на слободи и права може да се поднесе само доколку некој е дискриминиран по основ на пол, раса, религија, етничка, политичка, национална и социјална припадност. Уставот, како што вели Кацарска, му овозможува на секој граѓанин слободно да ја изрази својата мисла, слобода на уверување, политичко здружување и дејствување и доколку е попречен во тоа изразување да побара заштита пред Уставниот суд.
„Но, овде зборуваме за заштита која ја предвидел само еден член од Уставот, па оттука се наметнува прашањето, колкава е придобивката на граѓаните ако само знаат дека во Уставот имаат бројни права, а не може да бараат уставна заштита за сите?
Повеќе од 30 години во нашиот правен систем е очигледен еден несмасен системски пропуст, кој задира во темелите на владеењето на правото и ја подрива уставната заштита на граѓаните. Недостатокот на уставна жалба не само што ги лишува граѓаните од уште една можност да се обратат пред Уставниот суд за сите права кои ги предвидува Уставот, туку е иницијалната тема за ламентирање: како се губи довербата во системот и во државата?“, истакна претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска.