Монако се шири кон морето, нивната копнена територија ќе порасне за шест хектари

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Проектот наречен Маретера, кој ќе додаде уште шест хектари на градот-држава Монако на Медитеранот, ќе биде завршен за една година, осум месеци пред договорениот рок, соопшти вчера компанијата Anse du Portier, промотор на проектот вреден две милијарди евра.



Малото кнежевство со вкупна површина од 2,03 км2 и население од 39.000 веќе се прошири за 40 хектари кон морето во 1950-тите, но последниот проект започнат во 2015 година е неспоредлив, дури и кога се споредува со зградите на Блискиот Исток, благодарение на строгите сеизмички и еколошки прописи, а исто така и поради длабочината.

Идниот луксузен кварт ќе се гради буквално „на море“, поточно на подводен насип длабок 50 метри. Се наоѓа веднаш до Грималди форумот, конгресниот центар во Монако и вклучува пет згради, вкупно 130 станбени единици и десет вили.

Луксузниот станбен комплекс го дизајнираа италијанскиот архитект Ренцо Пиано и компанијата Vallode et Pistre. Досега се продадени речиси сите станбени единици. АФП пишува дека цената на квадрат во Монако може да биде и до 120.000 евра.

Допрва треба да се доизградат градините кои ќе се раззеленуваат, а населбата ќе има шеталиште покрај море, мало пристаниште и парк достапен за секого. „Маретера е исклучително достигнување за Монако“, рече Ги-Томас Леви-Сусан, директор на Anse du Portier.

„Затоа, можам да кажам дека морето е нов терен за освојување, но не смееме да го уништиме“, рече тој и додаде дека се надева дека со овој проект ќе може да покаже „дека тоа е можно“ и дека ќе се унапредат „размислувањата и добрите практики во овој домен“.

Леви-Сусан посочува дека во новоизградената станбена зона, која ќе се наоѓа помеѓу два подводни природни резервати, на карпи и вештачки гребени се пресоздадени нови живеалишта за флората и фауната.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK