На 23 ноември, четврток со почеток во 19 часот во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово ќе започне музичко-театарскиот перформанс во организација на ликовниот уметник Александар Стефановски а во 20,30 часот ќе биде отворена изложба на слики, графики и цртежи (24 дела).
Проектот е со наслов „Спокој“ а за истиот уметникот Стефановски даде следно објаснување:
„Музичко / Театарски перформанс како увертитра на изложба е еден вид прераскажување на самата цел на изложбата во форма на различни интерпретации како: дијалог , глума , стенд-ап , џез пијано , виолина , гитара , соло пеење , арт перформанс и џез перкусии. Идејата е да со музика и глума се направи интересен увод во самата изложба и нејзината првична цел, истражување на различни стадиуми на спокојност и мир на душата. И затоа и самите платна и слики ќе бидат покриени со црна кеса за присутните да се концентрираат на уводот аудитивно за да уживаат по отварањето на изложбата визуелно. А, во визуелната конотација Спокојот се крие помеѓу контрастот на мирното и хаосот, помеѓу темното и светлото. Тоа е скриен момент на предчувство како дека нешто ќе се случи и дека нешто се исчекува во одложен момент на исчекување која страна ќе победи . Претставен со контрастот помеѓу текстурата ( релјеф ) и мазното ( боена површина ) за да и со допир (некои дела )или во контрастот се почувстува разликата помеѓу хаосот и мирот. Чувството на човекот пред да се смири или обратно. Затишје пред емоции или затишје после емоции во зависност како ќе си го доживее почитувачот на уметноста. Ако гледачот во тој даден момент е смирен ќе го восприема само мирниот дел од сликата ( боена површина,светлото ), а ако дојде со предвреме разгорени емоции ќе го доживее не-мирниот дел ( релјефот,темното).
Спокојот се крие во вечноста на мигот пред одлуката на која страна ќе биде повлечен субјектот кој гледа…“.
Изложбата ќе биде поставена до 30.11.2023 .