Ердоган и Шолц се сретнаа во Берлин и разговараа за војната во Газа

Ердоган-и-Шолц-се-сретнаа-во-Берлин-и-разговараа-за.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Дијалогот е важен и покрај разликите во позициите за блискоисточниот конфликт и ако Германија и Турција успеат да постигнат прекин на огнот, постои шанса регионот да излезе од огнениот обрач, изјавија германскиот канцелар Олаф Шолц и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Берлин.


„Господине претседателе, не е тајна дека имаме сосема различни ставови за овој конфликт… но токму затоа е важно да разговараме во овие тешки моменти“, рече канцеларот Шолц на прес-конференцијата пред средбата со турскиот претседател. . Шолц уште еднаш ја истакна германската позиција дека правото на Израел да постои е нешто за кое не може да се дебатира.

„Кај нас нема место за антисемитизам, без разлика дали е политички или верски мотивиран“, вели Шолц.

Германскиот канцелар рече дека сака да разговара со турскиот претседател како да се спречи ширењето на конфликтот и како да се подобри хуманитарната ситуација.

Ердоган во последниве недели предизвика критики во Германија со некои од неговите ставови за конфликтот на Блискиот Исток, како што се нарекувањето на Хамас „ослободителна“ организација и Израел „терористичка држава“. Ердоган ја повтори својата критика кон Израел и повика на хуманитарен прекин на огнот во појасот Газа.

„Бомбардирањето болници или убивањето деца не е напишано во Тората. Тоа не смее да се прави“, рече тој.

„Станува збор за 13.000 убиени деца, жени и старци. Се’ во Газа е срамнето со земја“, рече турскиот претседател и додаде: „Доколку Германија и Турција успеат да постигнат прекин на огнот, постои шанса регионот да излезе од овој огнен прстен.

Германскиот канцелар ги истакна заслугите на Турција при склучувањето на договорот за извоз на украински житарки и ги спомена добрите односи меѓу Турците и Германците.

„Граѓаните на Турција и Германија се поврзани на повеќе начини“, рече Шолц.

И двајцата државници истакнаа дека сакаат да ги зајакнат и економските односи. Една од темите на вечерашните разговори е договорот меѓу Европската унија и Турција за бегалците и продажбата на 40 воени авиони од типот Еурофајтер на Турција.

Кусата посета на Берлин турскиот претседател попладнето ја започна со средба со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, а двајцата државници ја истакнаа потребата од смирување на ситуацијата на Блискиот Исток, вклучително и ослободување на заложниците на Хамас.

Ердоган ја завршува посетата со разговор со канцеларот Шолц. Поради неговите конзервативни ставови, турскиот претседател често беше критикуван во Германија, меѓу другото, и поради неговото влијание врз околу три милиони жители на Германија со турско потекло.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK