Се моли Димитар Ковачевски да се врати во Македонија за да не ја брука државата на отворена сцена, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Едно со своите испади на винскиот саем во Србија, второ со своите изјави и постапки. Ковачевски потпишува меморандуми за брза пруга, а дома нема еден функционален воз кој му се сообраќа во Македонија.
Не може Ковачевски да зборува за непринципиелности од страна на Бугарија, бидејќи кога сите тоа му го говорат во Македонија, тој ги обвинува за антиевропско однесување“, се истакнува во реакцијата од опозициската партија.
Според нив, Ковачевски треба помалку да патува „со цели свити и да арчи народни пари за да учествува на вински саеми, повеќе да се концентрира на работите во Македонија“.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека му преостануваат уште неколку месеци на власт, па редно е како што потенцираат, да реши барем еден од проблемите кои тој и неговата влада им ги донесоа на граѓаните.