Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги предупреди граѓаните да се подготват за нови бранови руски напади врз инфраструктурата како што се приближува зимата.
Зеленски рече дека војниците очекуваат напад на источниот фронт.
Украинската воена разузнавачка служба соопшти дека најмалку тројца руски војници загинале во експлозија во јужниот град Мелитопол, окупиран од Русија, што го опиша како „акт на одмазда“ на групите на отпорот.
Зеленски им се обрати на граѓаните преку видео порака еден ден откако руските сили извршија воздушен напад врз Киев, прв во последните седум недели.
„Речиси е средината на ноември и мораме да бидеме подготвени за фактот дека непријателот може да го зголеми бројот на напади со беспилотни летала или ракети врз нашата инфраструктура. Oвде, во Украина, целото внимание треба да се насочи кон одбраната, одговорот на терористите, сè што може Украина да направи за да ја надмине зимата и да ги подобри способностите на нашите војници“, рече Зеленски.
Минатата зима Русија изврши бројни напади врз електрани и други објекти поврзани со енергетската мрежа, што доведе до прекини на струја во различни региони, пренесуваат медиумите во светот.
Министерот за енергетика Немат Галушченко во саботата изјави дека Украина ќе има доволно енергетски ресурси за да ја преживее зимата, но рече дека „прашањето е колку идните напади можат да влијаат на снабдувањето“.