Министерството за одбрана на Израел соопшти дека е потпишан договор со Финска, новата членка на НАТО, за продажба на противвоздушниот одбранбен систем, „Давидова прачка“.
Во соопштението на Министерството се вели дека потпишан е договор за продажба на системот на Финска, нарекувајќи го „историски“.
Вредноста на договорот е 317 милиони евра.
Се работи за систем за противвоздушна одбрана заеднички развиен од Израел и САД. Може да пресретне балистички ракети, крстосувачки ракети, авиони и беспилотни летала.
Финска го зголеми буџетот за одбрана откако на 4 април оваа година беше примена во НАТО како 31-ва членка на алијансата.
Земјата се откажа од воената неутралност и побара да биде дел од Алијансата како одговор на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.