Во Појасот Газа во просек на секои 10 минути убиваат по едно дете, објави генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус на седницата на Советот за безбедност на ОН.
Тој посочи дека половина од 36-те болници во Газа и две третини од примарните здравствени центри не функционираат, наведувајќи дека здравствениот систем во палестинската енклава е на колена, пренесува Ројтерс.
On average, a child is killed every 10 minutes in #Gaza. pic.twitter.com/BI9BxwyNC5
— Tedros Adhanom Ghebreyesus (@DrTedros) November 11, 2023
– Болничките ходници се преполни со повредени, болни, луѓе на умирање. Мртовечниците се полни. Операциите се изведуваат без анестезија. Десетици илјади раселени луѓе се засолнуваат во болниците – рече Тедрос.
Според него, од 7 октомври СЗО верификувала повеќе од 250 напади врз здравствени установи во Газа и на Западниот Брег, додека 25 такви напади биле забележани во Израел .
Гебрејесус денеска изјави дека се „крајно вознемирени“ од извештаите за воздушни напади во близина на болницата Ал Шифа, најголемиот болнички комплекс во Појасот Газа, во кој се сместени илјадници пациенти и раселени лица.
„Многу здравствени работници со кои сме во контакт беа принудени да ја напуштат болницата и да бараат безбедност. Други велат дека не можат да се движат поради големата несигурност. Многу од илјадниците луѓе кои се во болница беа принудени да се евакуираат поради безбедносни ризици, а многумина се уште остануваат таму“, напиша Тедрос на мрежата Х.
Тој рече дека СЗО документирала пет напади на пет болници во Газа во еден ден, а само во изминатите два дена четири болници се затворени.
NBC News објави дека болницата Ал Шифа била нападната доцна синоќа. Според лекарот, болничкиот комплекс бил бомбардиран неколку пати во текот на денот, а многу луѓе биле убиени и повредени.