Министерот за правда, Кренар Лога формира работна група за изготвување на Закон за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет.
Според листата на членови на работната група што ја објави министерот, во неа ќе учествуваат судии, професори и експерти од областа на правосудството.
Со работната група ќе претседава Академик Владо Камбовски, член на Македонската академија на науките и уметностите и во неа ќе учестуваат: Маргарита Цаца – Николовска, – поранешен судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур; д-р Бајрам Положани, поранешен судија на Уставниот суд и професор по уставно право; Бранко Наумовски, поранешен претседател на Уставниот суд; Сали Мурати, поранешен претседател на Уставниот суд; Беса Адеми, претседател на Врховниот суд на Република Северна Македонија; Јелена Кадриќ, претставник од Институтот за човекови права; Ивана Петковска, претставник од Коалиција Сите за правично судење; Џемали Саити, судија во Врховниот суд на Република Северна Македонија; д-р Денис Прешова, професор на Правниот факултет „Јустинија Први“- Скопје; д-р Ана Павловска – Данева, професор на Правниот факултет „Јустинија Први“- Скопје; Ѓорѓи Радојков, поранешен судија; Ивица Николовски, член на Судскиот совет на Република Северна Македонија; д-р Јетон Шасивари, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа; д-р Беса Арифи, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа;
Шпенд Деваја – судија во Врховниот суд.
Лога образложи дека потегот следи по Ивештајот на Европската комисија за напредокот за Македонија, каде што е изразена сериозна загриженост за работата на Судскиот совет.
Имено, во клучните оценки и препораки во делот на функционирање на судството Европската комисија го повикува Судскиот совет да се залага да ја заштити независноста и интегритетот на судиите. Натаму, се нотира контроверзното разрешување на Претседателот на Судскиот совет преку контроверзна постапка со која се доведе во прашање почитувањето на законите и постапките. Обидите на сегашниот Претседател да го ограничи присуството на камерите на седниците на советот” се исто така нотирани, а кои благодарение на интервенциите на граѓанските организации и судско медиумскиот совет претсанаа да бидат пракса.
Исто така во извештајот се нотира и ниската доверба на судиите во улогата на Судскиот совет во заштита на судската независност, а согласно оценката на ризикот од корупција во судството, објавена во јуни 2023 година, со која 72% од судиите не се согласуваат со ставот дека Судскиот совет ефективно ја штити судската незавиност.
Една од причините за испраќање на оценска мисија од страна на Европската унија за работата на Судскиот совет беа и лоцираните слабости во неговото функционирање изминатиот период.
Paботната група во својата работа ќе повикува и претставници од сите релеванти органи од областа на правосудство.