Министерката за одбрана Славјанка Петровска утрово во Министерството се сретна со Хавиер Коломина, помошник генерален секретар на НАТО за политички работи и безбедносна политика со кого разговараше за придонесот на Северна Македонија како посветен и активен сојузник во Алијансата кон колективната безбедност на НАТО и кон стабилноста на регионот.
На средбата Петровска истакна дека Северна Македонија во целост ги спроведува прифатените обврски од НАТО пакетот на цели на способности, со особен акцент на модернизацијата на Армијата и унапредувањето на условите и развојот на човечките капацитети во Министерството и Армијата.
„Инвестирањето во македонската одбрана во 2024 година ќе достигне 2 отсто од бруто – домашниот производ, а од средствата наменети за одбрана една третина ќе бидат насочени кон модернизација, што е гаранција дека процесот на опремување на Армијата ќе продолжи да се реализира со несмалено темпо. Посветени сме на модернизацијата како одговорна членка на НАТО но подеднакво и заради националната безбедност“, рече министерката Петровска.
Таа го информираше помошник генералниот секретар Коломина за помошта која во досега во 10 наврати Северна Македонија ја донираше на Украина и нагласи дека во согласност со проценките на Генералштабот таа помош и понатаму ќе продолжи.
Во контекст на регионалната безбедност, министерката истакна дека Северна Македонија го зголемува учеството во мисијата КФОР на Косово. Таа потенцираше дека дијалогот меѓу Белград и Приштина треба да продолжи и дека и двете страни треба да ги реализираат преземените обврски.
„Интеграцијата на земјите од регионот во ЕУ е безбедносно прашање и најдобар одговор на обидите за влијанија од трети страни во регионот“, рече Петровска.
Во соочувањето со проблемот на хибридни закани и лажни вести, Петровска ја истакна 100 процентната активна транспарентност на Министерството за одбрана како најдобар начин за превенција и справување со овој предизвик.
Помошникот генералниот секретар на НАТО, Коломина се заблагодари за активното учество на Северна Македонија во НАТО и видливиот придонес кон зацврстувањето на регионалната и колективната безбедност. Тој го поздрави придонесот на Северна Македонија во мултинационалните сили на НАТО во Бугарија и Романија, учеството во мисијата на НАТО на Косово, помошта за Украина во одбрана на нејзиниот територијален интегритет и стабилното инвестирање во развојот и модернизацијата на одбраната.