Специјалниот пратеник на Европската унија (ЕУ) за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак изјави дека за време на разговорот со вицепремиерот и шефот на косовскиот преговарачки тим за дијалогот, Бесник Бисљими, се договорил за следните чекори во дијалогот.
„Само што се сретнав со првиот вицепремиер Бесник Бисљими. Тоа е продолжение на последната средба со европските лидери во Брисел и последица на потребата од целосна имплементација на Договорот за патеката за нормализација без одлагање или предуслови. Се договоривме и за следните чекори во дијалогот“, напиша Лајчак на платформата Х (поранешен Твитер).
Средбата се одржа во понеделникот вечерта.
Бисљими рече дека на работната вечера со Лајчак се разговарало за сите аспекти поврзани со целосната имплементација на Основниот договор од Брисел и Анексот за имплементација од Охрид.
За денеска е најавена средба меѓу Лајчак и лидерите на опозициските партии Мемља Красничи од Демократската партија на Косово, Љумир Абџиќ од Демократскиот сојуз на Косово и Рамуша Харадинај од Алијансата за иднината на Косово.