Костадиновска-Стојчевска: Заедно со ЕУ партнерите дејствуваме против дезинформациите и анти-европската реторика

Костадиновска-Стојчевска-Заедно-со-ЕУ-партнерите-дејствуваме-против-дезинформациите-и-анти-европската.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска ја отвори интернационалната научна конференција на тема: „Ситуацијата се влошува и на исток и на југ? Предизвици за безбедноста и стабилноста во Европа“, изјавувајќи дека одговорноста во борбата со дезинформациите треба сите да ја имаме како наша граѓанска обврска и дека најважно е во надминувањето на предизвиците да сме заедно обединети со нашите ЕУ партнери.


„Важно е и од академски аспект, не само од политички, да се држат отворени прашањата и темите што ги наметнува денешната конференција, со кои се соочува и Европа, но и целиот Западен Балкан. Затоа на овие прашање мораме да одговориме заеднички, со јасна визија, одлучност и волја од сите засегнати страни. А засегнати сме сите кога станува збор за стабилноста, мирот, развојот на државата и безбедноста на нашите граѓани“, нагласи Костадиновска-Стојчевска.

Таа посочи дека настанот претставува уште една потврда за високото ниво на соработка што го имаме со Република Полска, не само на политичко ниво туку и на академско ниво со Центарот за Европа при Универзитетот на Варшава.

„На конференцијата, студентите и сите учесници ќе имаат можност да слушнат за тоа што значи кога работиме заедно, како се соочуваме со предизвиците заедно и дека ниту една држава, без разлика дали е полноправна членка на Европската Унија или се стреми да биде членка на Европската Унија како овој процес што ние го одиме како држава, не е сама во тој процес и заедно ќе се бориме и со дезинформациите и со предизвиците што претставуваат целосно интегрирање на Република Северна Македонија во Европската Унија“, изјави министерката за култура.

Таа рече дека никој не очекуваше дека и во 21 век Европа, „оазата на мирот“, ќе биде сведок на војна и дека тоа го отвори прашањето за иднината на Европа, како и на регионот, кој е мета на надворешни влијанија и пропаганди, потенцирајќи дека „во вакви околности, дополнително поттикнати од разочарувањето на граѓаните поради нашето маратонско чекање пред вратите на ЕУ, антиевропската реторика и дезинформациите си нашле плодна почва и претставуваат уште еден предизвик за сите нас“.

„Тие се закана за нашите демократски општества и бараат заеднички одговор и пристап од сите општествени актери. Сведоци бевме на сите случувања поврзани со т.н. Француски предлог и дезинформациите кои и денес ги слушаме за бугаризација, идентитетот, Преговарачката рамка и евроинтеграциите, како и со војната во Украина, што несомнено внесе недоверба во процесот, страв и паника меѓу граѓаните“, додаде Костадиновска-Стојчевска.

Таа напомена дека не смееме да ја заборавиме и сериозната улога на НАТО во делот на заедничката безбедносна политика на Европската Унија, и поддршката што ни ја дава како на членки во борбата против ширењето на дезинформациите.

„Клучно е да се соочиме со предизвиците што претстојат со решителност, единство и непоколеблива посветеност за иднината каде што гласот на Европа ќе одекнува на глобалната сцена. Искуството ни покажува дека најлесно се надминуваат проблемите кога сме обединети и заедно, низ различни иницијативи и соработка за решавање на заедничките предизвици“, посочи министерката за култура.

Костадиновска-Стојчевска порача дека треба да обезбедиме Западен Балкан да продолжи да се развива и да се движи напред заедно со Европската Унија и дека тоа е за доброто на нашиот регион и за Европската Унија како целина, кога се наоѓаме во клучен момент за нашата заедничка историја.

На отворањето на конференцијата во Официрскиот дом што се одржа во организација на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, покрај министерката, се обратија и ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, професор Игор Неделковски, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, амбасадорот на Полска во земјава, Кшиштоф Гжелчик, и директорот на Центарот за Европа при Универзитетот во Варшава, Камил Зајомчовски.

Домаќин на настанот за безбедносните предизвици и стабилност во Европа беше битолскиот универзитет, кој се одржа со поддршка од Министерството за надворешни работи на Република Полска, во рамки на натпреварот „Јавна дипломатија 2023″.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK