Размерите на трагедијата во Газа се без преседан, изјави генералниот комесар на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА), Филипе Лазарини.
Тој го посети Појасот Газа и се сретна со палестинските бегалци кои се криеја во едно од училиштата под покровителство на ОН, истакнувајќи дека тоа е „еден од најтажните денови“ во неговата хуманитарна работа, пренесува Гардијан.
„Местото беше преполно. Нивото на нехигиена и условите за живеење се неразбирливи. Сите бараа само вода и храна. Наместо да бидат на училиште и да учат, децата бараа голтка вода и парче леб. Ми го скинаа срцето. Но, пред се, луѓето побараа прекин на огнот, сакаат оваа трагедија да заврши што поскоро“, рече Лазарини.
Тој повика на „смислен“ хуманитарен одговор за да се спречи луѓето во Газа да загинат под опсада.
„Уште еднаш повикувам на итни испораки на гориво. Горивото не стигнува скоро еден месец и тоа има погубно влијание врз болниците, водоводните постројки и нашиот бизнис“, рече Лазарини.
Тој додаде дека не се одговара на повиците за помош од Газа.
„Одамна требаше да се случи хуманитарниот прекин на огнот. Без тоа ќе бидат убиени повеќе луѓе, а оние што ќе преживеат ќе претрпат дополнителни загуби“, рече Лазарини.