Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави во Сараево дека ЕУ ќе ја удвои економијата на БиХ доколку спроведе реформи. Ако не, средствата ќе одат во други земји.
Лајен истакна дека добро се сеќава на посетата минатата година кога беше одлучен кандидатскиот статус и колку тоа значи за ЕУ и Босна и Херцеговина.
„Тоа беше многу важен ден за ЕУ и Босна и Херцеговина. Иднината на Босна и Херцеговина е во ЕУ. Покажавте преку назначувањето и формирањето на владата во првата година дека оваа земја може да постигне резултати и тоа е пакет мерки за квалитетно владеење“, рече таа.
Истакна дека соработката на ова поле досега била одлична и дека ќе продолжи со оваа динамика на соработка.
„Сите знаеме дека за да се постигне оваа цел, Босна и Херцеговина мора да дејствува обединето. Ние, од друга страна, не можеме да дозволиме уназадување. Мојата втора порака е дека мора да работиме на приближување на нашите економии. Имаме план за 30 милијарди за Западен Балкан, особено кога се работи за автопатишта“, нагласи таа.
„Вашата економија е на 30 проценти од потенцијалот на ЕУ и затоа е важен планот за раст на оваа земја. Друг принцип е Балканот да ги отвори границите и да го развие регионалниот пазар со можен раст од 10 проценти на почетокот на оваа активност“, изјави таа.
Нагласи дека за ова се неопходни одредени реформи како дигитализација, зелена реформа итн.
„Ако успееме со она што го замисливме со планот за раст за БиХ и регионот, имаме можност да ја удвоиме вашата економија во рок од една деценија. Тука сум да ја истакнам поддршката и дека БиХ напредува на европскиот пат“, рече таа.