Дописникот на Би-би-си од Бејрут, Хуго Бачега, вчера го интервјуираше Гази Хамад, долгогодишен член на Хамас и портпарол на милитантната организација која го нападна Израел на 7 октомври и уби 1.400 Израелци, од кои повеќето цивили.
Бачега наведува дека „седнувањето со претставник на група која многу влади ја сметаат за терористичка организација не беше одлука донесена лесно“. Но, тој посочува дека тоа „било можност лице в лице да ги прашам за нападите што ги изврши Хамас во Израел на 7 октомври, во кои тие убија повеќе од 1.400 луѓе, главно цивили, а зеле повеќе од 200 луѓе како заложници“.
Хамад одби да признае дека неговата група намерно гаѓала цивили, и покрај огромните докази, вклучително и снимките од камерите на Хамас. Тој рече дека нападот е „воена операција“ насочена само кон израелскиот воен персонал.
Новинарот постојано прашуваше како можеше да биде напад само на воени цели кога беа убиени стотици цивили, вклучително и луѓе на музичкиот фестивал и во нивните домови, со нивните семејства. На прашањето како го оправдува убиството на цивили, портпаролот на Хамас ненадејно го прекина интервјуто и си замина.
Претходно Хамад посочи дека Хамас е отворен за преговори за заложниците што ги држи во Газа. Сепак, рече, за тоа морало да има одредени околности, но не кажа кои.