Поранешниот кинески премиер Ли Кечијанг почина од срцев удар во Шангај на 69-годишна возраст, јави кинеската државна телевизија CCTV.
Ли беше втор, по ранг лидер во Кина од 2013 до оваа година, а во март се повлече од сите политички позиции.
Државната служба на Кина извести дека Ли Кечијанг доживеал срцев удар во четвртокот, додека бил на одмор во Шангај, и дека и покрај сите обиди за реанимација, тој починал десет минути по полноќ.
Тој е без овластување откако претседателот Шји Џјинпинг стана најмоќниот кинески лидер по децении консолидирање на контролата врз економијата и општеството, според агенцијата АП.
Ли беше економист и ја имаше втората најмоќна позиција во Кина, но во последните години е изолиран во главното државно раководство, јавува Би-Би-Си.
Тој беше единствениот висок функционер кој не припаѓаше на групата лојална на претседателот Шји.
„Ли се сметаше за прагматичен лидер и ги охрабруваше економските реформи. За жал, неговиот глас беше ефективно замолчен, а потоа беше отстранет и заменет минатата година со некој лојален на Шји“, рече Џејмс Цимерман, политички коментатор од Пекинг.
Тој додаде дека смртта на Ли е значајна загуба за умерените гласови во раководството на партијата.
На социјалните мрежи во Кина, многумина изразуваат жалење за смртта на Ли. Веб-страниците на државните медиуми се обоени во црно, но на државните медиуми за неговата смрт се зборува многу умерено, наведува Би-би-си.