Германија го укинува рокот на траење на одредени намирници, јавуваат германските медиуми. Според написите, на овој потег се одлучил германскиот министер за земјоделство Џем Оздемир, бидејќи сака да ја намали количината на храна што се фрла.
„Најдобро да се употреби до“ ова според анализите ги збунува најголем дел од луѓето. Поради ова, многу храна се фрла иако се уште може да се јаде. Џем Оздемир, германскиот министер за храна и земјоделство, сега сака да го укине рокот – но само за одредени видови храна, пишува магазинот „Феникс“.
Чајот, оризот или медот имаат многу долг рок на траење. Според оценката на Оздемир, овие намирници повеќе не треба да имаат рок на траење.
„Тоа треба да помогне да се намали фрлањето храна“, рече политичарот на Зелените пред средбата со своите колеги од ЕУ во Луксембург.
„Потребна ни е обврзувачка листа со исклучоци за одредени производи кои се чуваат на полиците“, рече Оздемир.
Според него, „сосема бесмислено“ е долготрајната храна како чајот, оризот или медот да имаат рок на траење.
Оздемир смета дека е одговорност на Комисијата на ЕУ да предложи обврзувачки регулативи за Европската унија.
Според податоците на Комисијата, во ЕУ секоја година се создаваат речиси 59 милиони тони отпад од храна, што е околу 130 килограми по жител.