Портпаролот на израелските одбранбени сили рече дека ако луѓето не можат да застанат покрај Израел во неговата војна против Хамас, „нешто сериозно не е во ред со нивниот морал“.
Потполковникот Џонатан Конрикус зборуваше за австралиската телевизија која го праша за дебатата во Сиднеј дали Градското собрание треба да биде осветлено во боите на израелското знаме.
Градоначалничката на Сиднеј, Кловер Мур, рече дека ќе го блокира предлогот за осветлување, што треба да биде поднесен денеска, бидејќи тоа би било во спротивност со „вредностите на инклузивност и хармонија“ на градот.
Конрикус рече: „Сè е многу јасно. Ние не сме агресорите. Ние не ја започнавме оваа војна. Не влеговме во нивните заедници и не им ги одзедовме жените и децата. Сега се браниме. Ако вашиот став не е во склад со тоа, мислам дека нешто не е во ред со вашиот морал“.
Тој додаде дека ја испраќа својата порака до „обичните луѓе, моќниците и избраните функционери“.
Групите за човекови права, хуманитарните агенции и експертите на ОН го критикуваа израелското бомбардирање и блокада на Појасот Газа, што според нив е „колективно казнување“ на палестинските цивили таму.
Кога сино-белите бои на Израел беа проектирани на Сиднејската опера претходно овој месец, пропалестинските групи се собраа околу австралискиот симбол, а некои го гаѓаа.