Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска од Самитот во Каиро порача дека меѓународната заедница мора да избегне ескалација на војната меѓу Израел и Хамас и да подготви патоказ за решение со две држави.
Мелони го изјави ова на меѓународниот мировен самит за Блискиот Исток во Каиро, во време кога Израел се подготвува за копнена инвазија на Газа по нападот на Хамас на 7 октомври во кој беа убиени 1.400 луѓе. Оттогаш во израелските напади во Појасот Газа загинаа 4.385 лица.
– Иако нашите појдовни точки се далеку една од друга, нашите интереси совршено се преклопуваат: тоа што се случува во Газа да не стане многу поширок конфликт, верска војна, судир на цивилизации, рече Мелони.
– Имам впечаток дека тоа беше вистинската цел на нападот на Хамас, не да се бранат правата на палестинскиот народ, туку напад што ќе создаде непремостлив јаз меѓу Палестинците и Израелците. Тоа значи дека целта сме сите ние и не треба да паднеме во оваа замка, што би било многу глупаво, истакна Мелони.
Италијанската премиерка се сретна со палестинскиот претседател Махмуд Абас во Каиро пред да отпатува за Тел Авив за да се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Мелони и Абас разговараа за потребата да се работи напорно за деескалација на војната меѓу Израел и Хамас и за решение за две држави, односно формирање две посебни и независни држави, една за Израелците и една за Палестинците.
– Се надевам дека има одговорност од страна на целата меѓународна заедница, а ми се чини дека постои, да се забрза овој процес и да се обезбеди структурно решение на конфликтот, Мелони.
Таа истакна дека решението со две држави мора да има јасна временска рамка.