Македонскиот пијанист Дино Имери, на 25 октомври (среда), ќе настапи во еден од најважните културни центри во светот – Лондон, каде во Кралскиот колеџ за музика (Royal College of Music) ќе одржи концерт со мошне интересна програма.
Дино Имери ќе настапи како солист на пијано, но и заедно со хрватскиот повеќенаградуван пијанист Ведран Јањанин. Ќе бидат изведени дела од Густав Холст („Јупитер“ од циклусот „Планети“), Сергеј Рахмањинов (Суита за две пијана бр.2), Витолд Лутославски („Варијации на тема од Паганини“ за две пијана), Дамир Имери („Пајдушко“ за пијано за 4 раце и „Себез Донка“), Дино Имери (обработка на „Јас те пратив на вода калино“) и Дијана Имери Илкоска („Корени“).
Овој настан е поддржан од македонското Министерство за култура, а го организира Амбасадата на РСМ во Лондон. Станува збор всушност, за мошне значаен меѓународен проект, а повод е големиот јубилеј – 30 години билатерални односи меѓу РС Македонија и Велика Британија. На настанот ќе присуствуваат и претставници на дипломатскиот кор во Британија, а македонската делегација ќе ја предводи министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска.
„Концертот во Лондон е од огромно значење за мојата пијанистичка кариера. Навистина не е лесно да се стигне до настап во оваа метропола, но гледајќи ја мојата досегашна работа, мислам дека се случува во вистинско време. Клучен момент е секако промоцијата на македонската музика, рамо до рамо со дела од светската литература. Се чувствувам спремно да се носам со големата одговорност, бидејќи не е мала работа да ја претставувате културата на една држава на еден ваков свечен настан во еден од најголемите културни центри во светот“, вели Имери.
Диригентката и композиторка, Дијана Имери Илкоска, за изведбата на нејзиното дело во Лондон, вели: „Ми претставува огромна чест што и мојата композиција ‘Корени’ ќе прозвучи во прекрасната сала во Лондон, а специјално за овој настан создадов нов аранжман за пијано. Особено за мене е важен поводот – одбележување на три децении дипломатски односи меѓу Македонија и Велика Британија“.
По концертот во Лондон, пијанистот Имери до крајот на годината ќе одржи уште неколку интересни концерти во Загреб, Ленгерих и Скопје.