„Матица македонска“ ќе ја одбележи 30-годишнината од смртта на Блаже Конески – со промоцијата на книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски

„Матица-македонска-ќе-ја-одбележи-30-годишнината-од-смртта-на-Блаже.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Книгоиздавателството „Матица македонска“ ќе ја одбележи 30-годишнината од физичкото заминување на Блаже Конески, со промоцијата на книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски. Промоцијата ќе се одржи на 25 октомври 2023 година (среда), со почеток во 18 часот, во книжарницата на „Матица македонска“ на Булеварот на книгите – „Св. Климент Охридски“. Промотори на книгата ќе бидат универзитетските професори Венко Андоновски и Димитар Пандев, а за настанот е предвидена и музичка програма на Драган Даутовски.


Книгата на Антоновски беше објавена неодамна и претставува ново исчитување на книжевното дело на великанот, при што во неа се отвораат прашања и се изнесуваат согледби и заклучоци и за некои помалку анализирани, афирмирани и вреднувани, а важни сегменти од опусот на Конески.

– Во „Просто и строго – Конески“, Иван Антоновски на извонреден начин потсетува на тестаменталното значење на клучните пораки на Блаже Конески во врска со македонскиот опстанок. Идејата водилка на оваа книга е да не се маргинализираат пораките на Конески, затоа што тоа би значело културна маргинализација на Македонците. Никој не се откажал од својата историја, а некои посегнале по туѓата. И едните и другите ја знаат важноста на историја за сегашноста и за иднината. Откажувањето не е опција. Тоа е нишката која од одделните текстови на оваа книга прави една целина. Целина во којашто се промислува нашата домородна „македонијада“, истакнува академик Катица Ќулавкова.

Според оцените на универзитетскиот професор Димитар Пандев, кој ќе биде еден од промоторите, во оваа книга, Антоновски прецизно го чита Конески и го чита тестаментално, како што се чита послание срочено од престижна јазикотворечка личност.

– И ја доловува смислата на Конески, на која самиот тој толку инсистираше и не дозволуваше прашања. Но долг и право е на авторот следбеник на тие загатнати прашања да посочи одговор. Во името на егзактноста со која понира во пределните области на Конески, нагласува Пандев.

Со анализите, согледбите и заклучоците за книжевното дело на великанот, но и со научното опсервирање на претходните научни огледби од претходниците и современиците, книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски претставува нов влог во македонската книжевна наука. Како што констатира универзитетскиот професор Владимир Мартиновски, не е воопшто лесно за Конески да се пишува „просто и строго“. Онака како што тој ги пишуваше и поезијата, и есеите, и научните статии. Но, Антоновски ни покажува дека денес, тоа не е само потребно, ами е и возможно.

–Научните статии и огледи од кои е сочинета книгата „Просто и строго – Конески“, со строга акрибичност, со прецизна научност, но и со топла непосредност ги истражуваат книжевните дела на Конески, помагајќи ни да ја насетиме нивната „скриена смисла“, посочува Мартиновски.

Според него, со својата љубопитност, упатеност и посветеност, Антоновски ни помага да влеземе во авантурата која е бескрајно возбудлива: доисчитување и доистражување на опусот на Конески. Антоновски ни покажува дека колку повеќе навлегуваме во светот на Конески, толку повеќе ја чувствуваме актуелноста на неговото дело.

– Затоа, оваа книга на Антоновски, настанувана постепено, претежно преку учество на бројни научни собири по повод 100-годишнината од раѓањето на Конески, е одличен прилог кон одбележувањето на 30-годишнината од неговата смрт. Со оваа книга, Иван Антоновски, токму просто и строго, нè уверува во бесмртноста на делото на Блаже Конески, нагласува Мартиновски.

Со одбележувањето на 30-годишнината од физичкото заминување на Блаже Конески со објавувањето и промовирањето на книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски, книгоиздавателството „Матица македонска“ продолжува со остварување на својата определба за вложување во афирмацијата и вреднувањето на делото на великанот, заради која и минатите години објави неколку книги кои се однесуваат на неговиот опус.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK