Следниот месец конечно доаѓа во кината долгоочекуваниот историски спектакл за подемот и падот на една од најважните историски личности – императорот Наполеон Бонапарта.
За некои, државен иноватор и воен гениј, а за други, контроверзен тиранин и бескрупулозен диктатор – никој не може да го негира влијанието што Наполеон го имал врз модерната историја на Европа.
Стенли Кјубрик и Стивен Спилберг сакаа да го донесат Наполеон на екраните, но на крајот тоа му успеа на Ридли Скот, трипати номиниран за „Оскар“, кој дури откако го виде Хоакин Феникс во „Џокер“ (2019) знаеше дека го нашол последното парче од сложувалката за конечно да ја оживее оваа епска приказна на големото платно.
Вториот трејлер од филмот ја прикажува амбициозноста и опсегот на Ридли Скот кога режира сцени на бунт, крунисување, масовни битки… и дава уште поголем увид во нестабилната, необична личност на човекот кој стана цар од ништо.
Филмот го следи подемот на Наполеон до царска моќ преку неговиот турбулентен однос со неговата сакана царица Џозефина, визионерските воени кампањи и суровите тактики против политичките непријатели.