Комитет во бразилскиот Конгрес вчера официјално побара од обвинителите да го истражат поранешниот претседател Жаир Болсонаро за неколку можни обвиненија, вклучително и обид за државен удар поради немирите на неговите приврзаници во јануари.
Комисијата што го истражува упадот на претседателската палата, Врховниот суд и конгресните згради на 8 јануари од страна на приврзаниците на Болсонаро, гласаше со 20 спрема 11 за да се прифати конечниот извештај според кој екстремно десничарскиот поранешен претседател ќе се соочи со обвиненија за обид за соборување на владеењето на правото, политичко насилство и заговор.
Извештајот од 1.300 страници – резултат на речиси петмесечни драматични сослушувања на заедничката комисија на Сенатот и Долниот дом – не го обврзува правно канцеларијата на јавниот обвинител да дејствува.
Но, тоа е последниот во серијата правни проблеми за Болсонаро (68), кој веќе е под истрага по различни обвиненија за корупција и злоупотреба на службената положба.
На Болсонаро, кој беше претседател од 2019 до 2022 година, исто така во јуни му беше забрането осум години да се кандидира за избори поради лажно тврдење дека биле користени електронски уреди за гласање кои биле ранливи на хакирање и измами.