Руските власти уапсија новинарка од Радио Слободна Европа (РСЕ) финансирано од САД под обвинение дека не се регистрирала како „странски агент“, соопшти денеска медиумската куќа.
Алсу Курмашева, која има и руско и американско државјанство, е втората американска новинарка која е приведена во Русија годинава, пренесува Ројтерс.
Еван Герскович, дописник на Волстрит журнал, беше уапсен во март под обвинение за шпионажа, што тој го негира. Руската новинска агенција Татар-Информ објави дека Курмашева не била регистрирана како „странски агент“ додека собирала информации за воените активности на Русија.
Таа може да се соочи со затворска казна до пет години, според РСЕ, кој побара нејзино ослободување.
Курмашева живеела во Прага до мај, кога отпатувала во Русија поради „вонредна состојба на семејството“, според РСЕ.
Нејзините два пасоши беа одземени на 2 јуни кога се обиде да се врати во Прага и беше казнета затоа што не ги известила руските власти за нејзиното американско државјанство.