Владата ги избриша цените за јадење, објави на социјалните мрежи, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Дали по објавувањето на ценовникот, како реакција од денеска министрите јадат бесплатно?“, напиша Стоилковски и објави фотографија.
Стоилковски претходно вчера објави дека има смрзнати цени во владините бифеа наместо во продавниците.
„Народот се турка за корка леб, а Ковачевски, Груби, Бујар, Спасовски, Стани Цаци си сркаат пилешка чорба за 60 денари, вртат на виљушка омлет со свинско за 65 денари. Може и сланина на скара за 110 или вешалица од свинско каре за 135 денари. Некој нека најде копан со ориз за 100 денари, грав со сланина за 150 денари, тост со свински врат 75 денари на друго место освен во влада за министрите“, рече Стоилковски.
Реагираа и студентите. Од „Студентски отпор“ претходно објавија дека додека студентите секојдневно треба да прават пресметки и да стравуваат дали ќе им стигнат 140 денари на ден за убав и квалитетен оброк, функционерите се “гоштеваат” штедејќи врз грбот на студентите.
-Иако имаат поголем стандард од нас студентите, иако си ги зголемија веќе високите плати за 78%, сепак функционерите одлучуваат студентите да гладуваат додека тие комотно седат на кожни фотелји без грижа и совест за студентите. Не е подобра ситуацијата во студентските домови. Студентите кои престојуваат таму, се жалат дека соочуваат со низа проблеми кога е во прашање храната, укинат им е појадокот, често наоѓаат инсекти во оброците, минатата година студентите од Студентскиот Дом Пелагонија се затруја со храна, велат студентите.
На функционерите им порачуваат: “Ајде да го замениме нашиот сув и бајат леб за вашите функционерски оброци!”